Белгискиот репрезентативец Еден Азар откри дека во Реал Мадрид дошол со прекумерна тежина. Тој летоска го комплетираше трансферот од Челси на „Бернабе“ вреден 89 милиони фунти, а на лекарските прегледи бил дури пет килограми од пропишаното меѓутоа ги изгубил со само 10 дена тренинзи. Сепак, тоа не ги спречува критичарите постојано да се жалат на неговата форма и кондиција. 28-годишниот напаѓач постигна само еден гол во дресот на Реал.

„Точно дека дојдов со поголема тежина од пропишаното. Бев на одмор, а кога сум на одмор тогаш се обидувам да уживам како што треба. Јас сум тип кој лесно качува и лесно симнува килограми. Кога бев во Лил имав 72 килограми, потоа со зголемета мускулна маса стигнав до 75 кг. Кога заминав од Челси имав 77, а во текот на летото отидов преку 80. Но ги изгубив сите во само 10 дена“, изјави Азар кој призна дека сакал и порано да дојде во Реал Мадрид, уште после СП 2018 но Челси го стопирал трансферот.

„Бев во чудна ситуација. Ем сакав во Реал Мадрид, ем не сакав да го напуштам Челси. И двата клуба ми нудеа одлични услови. Одбив неколку понуди од ПСЖ. Никогаш не би играл за нив. Ако еден ден се вратам во Лига 1 тоа ќе биде во Лил. Неколку пати ми се јавија од ПСЖ и секој пат ги одбивав“, додаде Азар.