Постојат многу интересни приказни околу тактиките кои клубовите ги користат за привлекување на нови фудбалери. Дали ангажираат менаџери, скаути, спортските директори, секој трансфер си има своја приказна. Тука се преговори, договори, па дури после потпис… Еве неколку интересни трансферни фудбалски приказни кои го свртеа нашето внимание.

ГРОСКРОЈЦ ДОЈДЕ, ГО ВИДЕ ИСТАНБУЛ И ИСТИОТ ДЕН СИ ЗАМИНА

Галатасарај и Дортмунд се договорија за трансфер на германскиот фудбалер Кевин Гроскројц во редовите на истанбулскиот великан. Гроскројц пристигна во Турција, се фотографираше со фановите на Галатасарај и требаше да стави потпис на договор. Дортмунд ги испрати потребните документи до ФИФА, а Галатасарај испратил празни листови место договор. ФИФА го одбила трансферот.

РОЈ КИН МЕСТО ВО БЛЕКБУРН ВО МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

Во 1993 година Рој Кин, ирскиот фудбалер требало да потпише за Блекбурн. Но ден пред да прејде во Роверс добил повик од сер Алекс Фергусон кој го поканил на билијар во неговиот дом. Одиграле неколку партии билијар, пивнале некоја чашка, а Кин потпивнат и расположен ставил потпис на договор со Манчестер Јунајтед. Кога сфатил што направил веќе било предоцна. Сепак, Рој Кин остави длабок белег во Манчестер Јунајтед.

БОРИНИ ПРЕДОБАР ЗА САНДЕРЛЕНД

Фабио Борини се мачеше со формата во Ливерпул. Сандерленд сакал да го позајми, а италијанскиот репрезентативец ги откачил затоа што им рекол дека е предобар за да игра во тој клуб. Сепак, една година подоцна кога веќе немаше каде тој беше пресреќен затоа што направил трансфер во Сандерленд.

КАНТОНА НЕ ОДИ НА ПРОБИ ТУКУ БАРА ДОГОВОР

Поранешниот француски фудбалер Ерик Кантона во 1992 година требало да премине од Ним во Шефилд Венздеј. Тогашниот менаџер на Шефилд Тревор Френсис побарал од Кантона да дојде на еднонеделна проба. Французинот ја одбил понудата и заминал во Лидс. А три месеци подоцна Лидс ја освои шампионската титула во Англија. Кантона стана фудбалска икона, па прејде во Манчестер Јунајтед…

ДЕ ГЕА И „ФИНТАТА“ НА ЈУНАЈТЕД ЗА РЕАЛ МАДРИД

Во последниот ден од преодниот рок во 2015 година Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид постигнале усмен договор за трансфер на Давид Де Геа на „Сантијаго Бернабеу“ во висина од 29 милиони фунти, а во спротивна насока требало да замине Кејлор Навас. Зделката пропаднала поради системска грешка? Барем така е официјално. Поточно мејлот со документите пристигнал две минути после рокот во Шпанија поради што „Кралевите“ не можеле да го реализираат трансферот.

Следниот ден од Реал ги обвинуваа луѓето од Манчестер за несериозност, па дури се сомневаат дека намерно го направиле ова само за светот да му се потсмева на мадридскиот клуб. А можеби има вистина во тоа, затоа што десеттина денови подоцна Де Геа стави потпис на нов четиригодишен договор со опција за продолжување на уште една. Де Геа насмеан до уши, во Јунајтед задоволни, во Реал намуртени…

ЛЕ ТИСИЕР НЕ СЕ ПРЕСЕЛИЛ ВО ТОТЕНХЕМ ПОРАДИ ВЕРЕНИЦАТА

Легендарниот напаѓач на Саутемптон Мет Ле Тисие добил убава понуда од Тотенхем во 1989 година и сакал да ја прифати. Меѓутоа не успеал да ја убеди вереницата да го напушти Саутемптон и да се пресели во Лондон. Поради тоа ги одбил „спарс“ и останал во Саутемптон.

ВЕТЕРОТ СПРЕЧИЛ ТРАНСФЕР НА РЕМИ

Лестер Сити и Челси се договориле за трансфер на Лоик Реми на „Кинг Пауер Стадионот“ во сезоната 2015/16 но се појавил проблем. Реми во тој период бил во Лион, а авионот што требало да го однесе на лекарски прегледи во Англија не можел да летна поради силниот ветер кој дувал на Островот. Лестер сакал да испрати хеликоптер по него, но ветерот не дозволил и тој да полета, па така трансферот пропаднал.

АРСЕНАЛ ГО ИСПУШТИЛ ИБРАХИМОВИЌ

Оваа приказна Ибрахимовиќ неколку пати ја има раскажувано. Во 2000 година тој од Малме требало да оди во Арсенал. Пристигнал во Лондон, Арсенал му дал дрес со број 9 и се беше совршено се додека Арсенал не му кажал дека го донеле да го пробаат прво пред да потпишат договор. Ибра одбил и си заминал.

КЛЕТВА БИЛА ФРЛЕНА НА ДЕПОРТИВО, ТОА НЕ Е КЛУБ ЗА НЕГО

Португалскиот играч од средниот ред Хулио Реј во 2012 година требало да оди од Фабре во Депортиво Ла Коруња. Пред да замине за Шпанија читал за клубот и за клетва која била фрлена врз него. Решил да го откаже трансферот.

МИ ТРЕБА СТОПЕР, А НЕ БОКСЕР

Кристофер Самба требало да направи трансфер од Динамо Москва во Трабзонспор. Тогашниот тренер на Трабзон, Шота Арвеладзе се изненадил од тоа што видел: „Потребен ми е стопер, а не боксер од полутешка категорија. Го познавам Самба. Тој не беше ваков. Се направил како Мајк Тајсон“, изјави тогаш грузискиот тренер и го откажал трансферот.

АДЕБАЈОР ГО ПРАШАЛ ГОСПОД ЗА ТРАНСФЕР

Напаѓачот од Того Емануел Адебајор бил во потрага по нов клуб откако му било кажано дека мора да си оди од Тотенхем. Се јавила Астон Вила, а Адебајор им кажал: „Морам да го прашам Господ прво“. Одлучил да остане во Лондон.

РАСИПАНИОТ ЗАБ МУ ГО СПРЕЧИЛ ТРАНСФЕРОТ ВО МИЛАН

Во јануари 2009 Милан го побарал Али Сисоко од Порто. Се спремил да плати 15 милиони евра за него. Сисоко пристигнал во Милано, а на лекарските прегледи било откриено дека тој има расипан заб. Милан сакал да ја намали сумата, а Порто не попуштил и трансферот пропаднал.

ФАКС МАШИНАТА МУ ГО РАСИПА ТРАНСФЕРОТ НА ЧУПО МОТИНГ

Ерик Максим Чупо-Мотинг требало да направи трансфер од Хамбургер во Келн во 2011 година. Било последен ден од преодниот рок и морало брзо да се средат документите. Кога биле собрани требало да се испратат преку факс до Германската фудбалска федерација од канцеларијата на Хамбургер. Но се расипала факс-машината. Документите биле испратени 13 минути подоцна од рокот и нормално трансферот бил запрен.

СИСТЕМСКА ГРЕШКА ГО ЗАПРЕ ТРАНСФЕРОТ НА СОРИЈАНО

Роберто Соријано во последниот ден од преодниот рок требало да направи трансфер од Наполи во Сампдорија. Се појавил проблем околу имиџ правата на фудбалерот. Продолжиле преговорите и откако конечно биле успешно завршени требало договорот од дури 40 страни да биде испратен до ФИФА. Поради големината на фајлот не успеале навреме да го закачат „атачираат“ на мејл и да испратат до ФИФА па трансферот пропаднал.

„ГОМОРА“ ГО ИСПЛАШИ ТОЛИСО

Корентин Толисо, францускиот напаѓач требало да потпише договор со Наполи во август 2017 година. И кога се чинеше дека трансферот е завршен се случил пресврт. Толисо се исплашил од неаполската мафија. Неговиот агент откри дека Толисо ја гледал телевизиската серија „Гомора“ најозогласената криминална група во Наполи поради што се исплашил и одбил да оди на „Сан Паоло“. Неапол било опасно место.

СТАВИВ ПОТПИС, А КАДЕ СЕ КОЛБАСИТЕ?

Мат Патерсон потпишал договор со Оксфорд Сити во ресторан на Мек Доналдс. Откако го ставил потписот во шега изјавил „се надевам сега ќе добијам бесплатни колбаси“. После трансферот Мек Доналдс му се заблагодарил на Оксфорд и на Патерсон за беспланата реклама и секако му испратил колбаси.

КАКО МЕК ЛАФЛИН ГИ ЗБУНИ ФУДБАЛСКИТЕ ЉУБИТЕЛИ

Рајан Меклафлин, фудбалерот на англиски Олдам предизвика внимание па дури ги збуни и новинските агенции. Тој се фотографирал со дрес на Барселона на „Ноу Камп“ со зборовите: „Барселона е голем клуб и затоа голема чест ми е што сум тука. Благодарам на пораките за поддршка“, напишал Меклафлин на „Твитер“.

Многумина се зачудија за овој трансфер кој подоцна излезе дека е шега, а Меклафлин слатко се изнасмеал на измамата. Тој всушност бил во Барселона на одмор и ја искористил можноста да го посети „Ноу Камп“.

ПОТПИШАЛЕ СО ПОГРЕШЕН ФУДБАЛЕР

Во јули оваа година турскиот Беледије направил катастрофална грешка. Третолигашот потпишал со погрешен фудбалер. Како. Клубот добил снимка од настапи на Ламин Џалу од Салернитана и репрезентативец на Гамбија и посакале да го донесат. Но место него во Истанбул дошол Алфа Џалу кој игра во португалскиот третолигаш Алкосетенсе. Алфа заминал во Турција се сретнал со раководството се фотографирал и седнал да потпише договор. Тогаш Турците виделе дека нешто не е во ред. На потписот стои името Алфа, а тренерите забележале дека не е истиот играч што го гледале на видеата. Бргу било констатирано дека се работи за грешка. Алфа бил транспортиран назад во Португалија, а веднаш бил побаран „вистинскиот“ Џалу. Грешката настанала кога од клубот место на Ламин му испратил мејл на Алфа.