МЗТ Скопје го доби првото дерби против лутиот ривал Работнички со 93:68. На крајот 25 разлика победа за тимот од Аеродром, иако во еден момент беше разликата и 30 во корист на „сино-белите“ (83:53).

Клучни беа втората и третата четвртина кога „Металците“ ја направија разликата, а Работнички одигра еден катастрофален натпревар и во одбрана и во нападот каде што реализацијата не беше на нивото.

Првата четвртина мина во „егал“, па МЗТ имаше само еден поен предност 18:17. Меѓутоа во втората гостите најдоа „формула“, и ја добија таа четвртина со +15 (30:15).

Кога се очекуваше одговор од Работнички на стартот од вториот дел, момците на Мираковски почнаа уште повеќе незапирливо да тонат, па МЗТ ја доби и таа четвртина со 31:18. Кога веќе се беше јасно, на крајот беше само формалност. Во последната четвртина МЗТ стигна и до +30, но на крајот малку и се „опушти“, дозволувајќи му на противникот да намали.

Кај победничкиот тим најефикасен Џабарие Хиндс со 22 поени. Најефикасниот на мечот доаѓа од редовите на Работнички, и тоа Лесколт кој постигна 25, но недоволно за добар резултат.