Пишува: Зоран Ѓоршоски

Ако пред две кола лидерот имаше комотна предност од цели 12 бодови и се чинеше дека есенската титула ја има в џеб, сега веќе не е така. Таа разлика за 180 минути е намалена „само“ на седум бода. Вардар на мечевите со Струга ТЛ и Шкупи освои еден а шампионот на дуелите со Работнички и Ренова сите шест бода, па се чини дека дури допрва почнува фудбалската војна меѓу нашите гиганти за титулата во сезоната 2018/2019. А како стојат работите, Вардар и покрај +7 бодови можеби нема да заврши како лидер на табелата по првата полусезона. Имено четата на стратегот Александар Васоски во последните три меча игра со Силекс и А. Пандев на гости и со Шкендија дома, додека тетовци пак сега гостуваат во Струга, па играат дома со Шкупи и на крај му гостуваат на Вардар.

Значи Шкендија со три победи веројатно е дека ќе биде есенски првак. Сепак за ова и Вардар се прашува, на него му треба само една победа од овие три меча. А познато е низ историјата дека кога Вардар е есенски првак на крајот од првенството сигурно станува и шампион.

Вардарци секако дека нема да се сложат, но оние неутралните кои не се ни за Вардар ни за Шкендија, велат дека ова е добро за првенството, едноставно ќе биде многу поинтересно кога овие две екипи се во фудбалска војна.

НА РАБОТНИЧКИ МУ СЕ ПОТРЕБНИ ГОЛОВИ…

А, Работнички никако да тргне. Реално момците од Градски парк не играат така лошо, тоа се виде и со Шкендија, но посебно во Ѓорче во саботата. Имаа дури 4-5 шанси, можеа уште во првиот дел да го „заклучат“ триумфот над Македонија ЃП, но ете, противничката мрежа за нив како да е магепсана. Веројатно во следните три кола ќе се решава судбината на овој клуб во поглед на опстанокот. Прво игра дома со Борец и Силекс, а на крај со Ренова под Шара. Со седум бодови Работнички и тоа како се враќа во „игра“. Но нели, треба да се даде и некој гол.

Борец и натаму не знае за пораз дома. Иако не победи со Силекс, сепак импресионира домашната серија, на осум меча буквално не се најде јунак да го победи среде Велес тимот на стратегот Горазд Михајлов. Кога сме кај спектаклот вчера во Тетово, секоја чест за Шкендија, но за тие 6:1 „виновна“ е и Ренова. Овој тим игра фудбал, не се брани, погледнете само на 0:0 и 1:0 колку шанси имаа „гипсарите“, а кога противникот игра отворено и на Шкендија и е полесно високо и убедливо да победува. Ренова од хит на првиот дел во сезоната, дојде до тим кој жестоко ќе се бори за опстанокот.

„Пандевци“ пак може да жалат, иако драстично ослабени можеа да го освојат целиот плен, но се случи таа 93.минута кога примија гол два и големи бода се загубени. Од друга страна Струга ТЛ покажува дека има тим кој никогаш не се предава.

И на крај за Шкупи, овој тим преводен од Ќатип Османи вчера убаво покажа и докажа како треба да се игра против лидерот.