Тренерот на ППД Загреб, Веселин Вујовиќ, кој се најде на удар во медиумите и социјалните мрежи по неконтролираниот испад и зборовите кои тој ги упати кон својот ракометар на тајм-аут во мечот од СЕХА лигата со Мешков Брест, во интервју за net.hr ја објасни и причината за таквото однесување.

„Таа моја изјава и ситуација доби во медиумите негативна конотација. Се работи за играчот Алекса Влахо. Пред мечот му реков дека мора да реагира, дека е отсутен, дека премногу промашува зицери. ’Ајде те молам живни малку, се влечеш како да умираш’ – тоа ми беше коментарот претходно и кога збеснав на натпреварот така реагирав. Воопшто не бев ни свесен за сето тоа, а толку многу коментари на темата имаше и во Хрватска и во Словенија, па и пошироко… Транспарентен човек сум, го знаат тоа и во Загреб и во Словенија. На свој начин, онака како што знам, им го пренесувам на играчите она што треба да го направат на теренот за да бидат подобри, поуспешни. Пред се, тие знаат колку јас нив ги сакам. Прво им давам на знаење колку ги сакам, а потоа викам на нив, затоа што во таков случај, кога некој кој многу ги сака, многу и вика на нив, тогаш треба да се замислат каде згрешиле“ – изјави Вујовиќ и дообјасни: „Ниту Влахо, ниту било кој од екипата или од клубот реагираа на тој мој тајм-аут. Но, за медиумите и за критичната маса тоа е нешто големо. Секогаш сум бил на удар поради мојот карактер. Но, оние кои ме сакале претходно ме сакаат и сега.“