Брегалница утре во Кавадарци, на гостувањето кај Тиквеш, има шанса и дефинитивно да покаже дека е најдобриот тим во Втората лога – Исток. Да покаже дека заслужува следната сезона да игра во нашата елитна лига. Во пресрет на мечот со Тиквеш, штипските „сини“ се втори на табелата со минус три бода во однос на Беласица и еден повеќе од Тиквеш. Сите во таборот на „сините“ добро знаат дека ова е многу важен меч за нив.

Специјално за СПОРТМЕДИА,  свои очекувања од утрешното дерби, искажа првиот човек на клубот Кире Гогов. 

„Да, многу важен меч, како за нас така и за Тиквеш. Се разбира дека како и ние, така и домашните силно ја посакуваат победата. Ние го респектираме Тиквеш, но сепак си се цениме и себе си. Утре во Кавадарци нашите играчи, со својот однос, мора да покажат дека го заслужуваат дресот кој што го носат. Свесни сме дека досега многу бодови испуштивме од раце, посебно оние три од првиот меч со Тиквеш. Затоа велам дека посакуваме утре во Кавадарци да си ги вратиме тие три бода кои што ги загубивме во Штип, кога беше 0:1 за Тиквеш.

Јас лично верувам во нашата екипа, верувам и очекувам дека ќе го дадат својот максимум, дека ќе го дадат и последниот атом од својата сила и ќе одиграат како што треба, се со цел да се дојде до победата. Секако дека овој меч предизвикува големо внимание, веројатно ќе има и многу публика, па ете им мотив на нашите играчи да покажа што знаат пред така широк аудиториум. Да порачам  и да посакам тоа да биде вистинско, големо дерби како што заслужуваат клубови како Тиквеш и Брегалница, а по натпреварот нека се радува оној што ќе заслужи да победи. Едноставно нека победи подобриот“ ни изјави Гогов.