Пред супер – дербито изјавуваа дека сигурно ја победуваат Брегалница, дека прашање е само со колкава разлика, дека Брегалница нема што да бара во Кавадарци, а денеска во градот на виното и ракијата, Брегалница им го „кажа филмот“. Секоја чест за играчите во „сино“, каква слатка одмазда тоа беше. Просто несфатливо е како тоа и зошто Тиквеш одигра така како што одигра, а изјавите ги даваа веројатно од ракав. Не можеш така да се однесуваш кога играш против една екипа каква што е Брегалница.

Јасно е дека уште ништо не е готово, не се загубени сите шанси за Тиквеш, но како што минува времето се гледа дека не се проблем играчите, уште помалку тренерите, туку веројатно раководството на клубот. Кога аматерски се приоѓа на работата така е тоа, и место да се угледаат, да „копираат“ што и како се прави во Брегалница и во фудбалски Штип, во Тиквеш и натаму сметаат дека се најдобри, но без никакво покритие. Но има време до март, можеби ќе научат како се работи. Којзнае…

Да биде срамот уште поголем, да биде бламажата уште поголема, на крајот од првата полуетапа и Кит Го, тимот од Пехчево, кој заврши како трет на табелата, е подобро пласиран од „ѕвездите“ на Тиквеш, од клубот кој се расфрла со изјави, подобар од нели „најдобриот“ Тиквеш. Најдобар, ама само на зборови.