Шампионот на Формула 1 Луис Хамилтон од Мерцедес ќе стартува прв на утрешната трка за Големата награда на Абу Даби откако со време 1:34:828 беше најбрз на квалификациите во Обединетите Арапски Емирати.

Сепак, Мерцедес нема да ги имаат првите две позиции на стартот на последната трка во сезоната, иако второто место го освои Валтери Ботас, затоа што Финецот е казнет со префрлување на последното место поради промена на погонската единица.

Трет беше Макс Ферстапен кој беше најбрз на третиот тренинг и кој успеа да се врати после проблемите со болидот. На следните две места се возачите на Ферари Шарл Леклер и Себастијан Фетел.

Фетел имаше извртување во првиот дел од квалификациите, но се врати на патеката и направи доволно време. Тимот на Ферари повторно имаше кикс бидејќи Леклер не одработи како што треба во брзиот круг во Q3 и така си ја отежна работата во борбата за третата позиција.

Зад нив ќе стартуваат Албон, Норис, Рикардо, Сајнц и Хулкенберг.

Инаку тоа е прв пол за Хамилтон после ГН на Германија, а 88. во кариерата, додека петти во Абу Даби.

Инаку трката во Абу Даби е утре од 14 часот.