Синоќа во Букурешт се одржа ждрепката за ЕВРО 2020 кое е закажано од 12 јуни до 12 јули следната година. И Македонија за првпат беше споменувана, како земја, како репрезентација која би можела да настапи на овој најголем репрезентативен европски фудбалски самит. Но за тоа ние треба самите да се погрижиме, ќе треба да го минеме плеј-офот, каде што во март не чекаат Косово и победникот од двобојот Белорусија – Грузија.

Инаку официјално, победникот од сегментот Д во Лигата на Нации ќе игра во група со Украина, Холандија и Австрија. Првиот меч се игра против Австрија на 14 јуни во Букурешт. Но ако Романија успее да се пласира, исто преку плеј-офот на ЕВРО 2020, ние се селиме во групата каде што се Португалија, Франција и Германија.

Значи со малку повеќе среќа, се разбира и знаење, нашите фудбалски мајстори на чело со Пандев, Елмас, Барди и останатите, би можеле да играат против еден Роналдо, Мбапе, Нојер, Гризман и останатите мега ѕвезди на светскиот фудбал. Можеме само да претпоставуваме каква промоција ќе биде тоа за Македонија. Да кажеме дека ако се остварат овие наши желби и се паднеме во таа група, тогаш првиот меч би го играле против Португалија на 16 јуни во Будимпешта. На средината на теренот капитените Пандев и Роналдо се поздравуваат, се одредуваат страните, се слушаат химните на Македонија и Португалија…

А веќе на наредните мечеви би играле против Мбапе, против Ноер, Милер…

Ех, камо среќа да се оствари.