Џемаил Ибиши со само 18 година прераснува во еден од клучните играчи на моментално најдобриот тим во Лигата, на Вардар. Она што денеска „малиот“ го покажа во Струмица и тоа против А. Пандев, навистина е за респект. Тука не ја броиме само супер  асистенција за вториот гол на Аврамовски, туку за се она што покажа на дербито. И нема дилеми, Џемаил Ибиши е бисерот на Вардар, еден од најдобрите, веројатно и најдобар во оваа плејада на млади и екстра талентирани момци кои на својот клуб му ја донесоа есенската титула.

И доста веќе со Бојан Колевски, кој имаше безброј шанси, но не успеа да искористи речиси ниту една. Ибиши е тој што мора секогаш да има предност во поглед на стартниот тим. А на Ибиши по враќањето од повредата ова му беше само трет меч, но и прв како стартер и во кој ги одигра сите 90.минути.

Ибиши постигна гол со Ренова но се повреди на репрезентативниот меч со Бугарија, и силно недостигаше во репрезентацијата на Македонија до 19.години која настапи неодамна на квалификацискиот турнир  за пласман на елитната фаза. Во Вардар треба да знаат дека имаат златно дете, дека треба да му се даде уште поголема шанса, а тој секако дека ќе знае како да возврати, и тоа со голови, со асистенции.

Значи Ибиши е човекот за во нападот на Вардар. Да нема дилеми.