Нов тежок пораз, трет во низа за европскиот првак Вардар во Лигата на шампионите или вкупно петти сезонава претрпеа денеска „црвено-црните“ од Веспрем, 29:38 (15:22) во последниот меч од полусезоната во најсилното европско клупско натпреварување.

Но, во моментов едноставно толку е силата. Со опериран Дисингер, со Кристопанс на клупата, со постава која по висината и големината не можеше да го запре Ненадиќ, Мораес, Мацковшек, Благотиншек… ваков расплет беше очекуван.

Павел Атман со 7 гола беше прв стрелец на Вардар, додека Ненадиќ со 11 гола ја наполни вардаровата мрежа. Дебитантот Васил Гогов имаше четири интервенции, додека Гедбан запиша две и Кизиќ една.

Од самиот старт работите не изгледаа на добро за Вардар, со оглед на тоа дека по 2:2 во втората минута, европскиот првак имаше „црна“ дупка од осум минути без погодок. За тоа време имаа три технички грешки во напад, две интервенции на Цупара и еден зицер на Стоилов, кој заврши во дирекот, па со серија од 0-7 Веспрем дојде до највисоки 2:9 во десетата минута.

И од тука натаму веќе се беше јасно. Ново очајно, бледо издание на Вардар, со многу технички грешки и проблеми во реализација, како и дефанзивната линија, која никако не можеше да се „состави“.

Со исклучок на Кристопанс, Кокшаров им дае шанса на сите, па дури комплетното второ полувреме на голот стоеше 19-годишниот Васил Гогов, кој имаше и тоа какво „пеколно“ крштевање во Лигата на шампионите.

Се обидуваа со сите сили да одговорат на силата која ја демонстрираше Веспрем, но беше залудно… Највисоката предност Унгарците ја имаа на +11 (24:35) европскиот првак мораше да се помири со нов елитен пораз.