Пишува: Зоран Ѓоршоски

Така лесно, така убедливо, надмоќно и се разбира зачинето со три „парчиња“ во мрежата на А. Пандев на нејзин терен, Вардар стави „печат“ на есенската титула. Ретко кој можеше да се надева на вакво нешто некаде во јули – август, па дури и најголемите фанови на нашиот најтрофеен клуб. Познато е со какви се проблеми се соочуваше клубот, но ете Вардар се издигна како феникс и успеа да ги израдува сите кои навиваат за него, а ги натера останатите да му честитаат. За детална анализа, за тоа зошто Вардар одигра вака како што одигра, после неделното мега дерби со Шкендија, меч од последното есенско коло. Дерби кое ќе каже дали есенскиот првак на зимски распуст ќе оди со 11, 8 или „само“ 5 бодови пред сеуште актуелниот шампион.

ШКЕНДИЈА ДОМА КАКО ШАМПИОН, НА ГОСТИ КАКО…

И дефинитивно тимот на стратегот Ернест Ѓока е со две лица. Дома како шампион, на гости како…, тука можете да си додадете што сакате. Навистина несфатливо, ако дома само на два меча против Ренова и Шкупи се постигнат десет голови, се понижат ривалите, се одигра шампионски, на гости пак сосема спротивното. Не само што не се игра како што треба туку и се губат драгоцени бодови. Ако Шкендија продолжи со ова темпо, со ваков начин на игра, многу брзо ќе се прости од титулата, ако веќе не е простена. Ќе видиме во недела на Арената „Тодор Проески“ како ќе одигра на гости и тоа против Вардар.

БОРЕЦ Е НЕПОБЕДЛИВ, НО САМО ВО ВЕЛЕС!

Велес остана неосвоен цела есен. Борец одигра девет натпревари, победи на пет а ремизираше на четири. Освоени се 19 бодови, билансот на гости е катастрофа. Осум мечеви и исто толку порази. Борец ако сака да избори опстанок ќе мора напролет да „чепне“ нешто и од туѓ терен. Вчера по многу борба совладана беше и Ренова, и тоа со голот на Прелчец, а на  кој друг.

Струга ТЛ ја продолжи добрата серија, во Ѓорче можеше и до останатите два бода, но сепак најважно за дебитантот во елитата е што останува во добар ритам. За Работнички што да се каже. Едноставно ги губи бодовите на почетнички начин. Не смееш против Силекс, посебно кога водиш со 1:0, да реагираш така како што реаираше одбраната на “романтичарите“ при голот на Ѓуриќ, и посебно не кога секој бод ти е како од злато. И ако сака некој што побргу да заврши есенскиот дел тоа секако е клубот од Градски парк.