По одличниот настап против шпанска Бидасоа, ракометарите на Еурофарм Работник ги очекува нов предизвик во СЕХА Гаспром лигата. Веќе утре во Битола гостува екипата на ППД Загреб, тим против кој битолчани во октомври на гостувањето загубија минимално со 24:23.

Наследникот на Алушовски на кормилото на битолскиот тим, Божидар Мојсов, на прес-конференцијата пред дуелот најави:

„Сите знаеме кој ривал ни доаѓа утре. Доаѓа млада и мотивирана екипа, предводена од играчката и тренерска легенда Веселин Вујовиќ. Тој е човек ги мотивира младите ракометари, играат агресивно и многу добро. Сигурен сум дека ќе одиграме изедначен и докрај неизвесен натпревар. Имаме мали повреди, Кукоски ја обнови повредата, уште не сме залечени, но ќе парираме на големиот ривал. Ги повикувам сите симпатизери, да дојдат да нè бодрат, бидејќи овие момци заслужуваат поддршка“ – изјави Мојсов.

Голманот Градимир Чаневски на денешната средба со новјнарите изјави:

„Ни следи тежок натпревар, знаеме каков ривал е ППД Загреб. Искусни се од настапи во Лигата на шампионите и СЕХА лигата. Наше е да направиме публиката да ужива и да ја испратиме годината со позитивен резултат. Се надевам дека ќе добиеме адекватна поддршка за да ја оствариме целта“.

Дуелот со ППД Загреб утре во Битола почнува од 17.15 часот.