Еурофарм Работник по којзнае кој пат сезонава загуби со еден гол разлика 27:28 од ППД Загреб пред својата публика во Битола, во меч од групната фаза во СЕХА-лигата, а поуката која стигна по мечот е дека мора да се учи од грешките.

„Очекував ваков меч. Загреб има млада екипа и одличен тренер. Ние игравме лошо во првиот дел, но и покрај фактот што видливо ја подобривме играта во второто полувреме мислам дека клучно беше она што го пропуштивме во првото. Мора да учиме од поразите“, изјави тренерот на Еурофарм Работник, Божидар Мојсов.

Слично размислува и чуварот на мрежата на „фармацевтите“.

„ППД Загреб знаеше како да го искористи нашето лошо отворање на натпреварот. Со многу контранапада и наши загубени шанси ја создадоа разликата. Имаме уште два натпревари да играме до крајот на годината и се надевам дека ќе бидеме подобри во нив“, вели голманот Никола Митревски.