Ако дербито на 1/4 финалето во Купот на Македонија е дуелот меѓу Шкендија и Работнички, тогаш интересно ќе биде и на преостанатите три двомеча. Струга ТЛ е во налет, игра добро, во одлична серија е во првенството, има победи над Вардар и Шкендија, одигра реми со А. Пандев и Македонија ЃП на гости, па би можело да се каже дека е фаворит на хартија на мечот со Ренова, екипа која навистина има проблеми во последно време. Сепак, да не заборавиме дека реваншот се игра под Шара и тоа во март, како и сите останати. Во случај на минување, тогаш Струга ТЛ за првпат во својата историја ќе се најде како клуб во едно полуфинале во Купот на Македонија.

ЧАИРСКА „РЕПРИЗА“ ОД СРЕДАТА…

Пред една недела на Чаир во рамките на 16.коло се сретнаа Шкупи и А. Пандев. Денеска пак на истиот стадион се среќаваат истите ривали, но сега во Купот. Во средата домашните победија со 3:1, тоа беше одличен натпревар за четата на Ќатип Османи, но да не заборавиме, А. Пандев е актуелен бранител на Купот, и се ќе стори да ја мине оваа пречка и оваа година да стигне што подалеку во ова натпреварување. 

„Го чекаме нестрпливо овој прв меч со А. Пандев. Првиот натпревар го играме дома, пред своите фанови што за нас е многу важно, тоа за нас е долнителен мотив. Инаку според мене најважно е да не примиме гол денеска. Јас сум уверен дека и покрај притисокот ќе успееме да одиграме добро во двата меча и дека ќе се пласираме во полуфиналето“ истакна Сабит Билали, фудбалерот на Шкупи.

ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА – 13 Ч

ТЕТОВО: ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ

СТРУГА: СТРУГА ТЛ – РЕНОВА

СКОПЈЕ: ШКУПИ – А. ПАНДЕВ

ШТИП: БРЕГАЛНИЦА – ЛАБУНИШТА (16:30 Ч)

*Реваншите се играт на 04.03.2020