Во првиот меч од 18.коло во ПМФЛ, денеска во Кратово домашниот Силекс со 3:1 го победи составот на А. Пандев и на најубав можен начин ја заврши година, со делба на третото место на табелата, токму со Пандев. Можеби и на делба на втората позиција, но за такво нешто утре треба Шкендија да загуби од Вардар, со оглед на тоа дека Силекс, А. Пандев и засега Шкендија имаат по 27 бодови.

Тоа беше уште една добра партија на момците на Горан Симов. Во 41.минута Виктор Серафимовски донесе водство, со тој резултат и се замина на пауза. Во вториот дел струмичани како да се подотворија, а тоа го искористи Силекс. Прво Дарко Додев во 61.минута, по една убава соло акција, зголеми на 2:0. Сепак само две минути подоцна Миловановиќ го намали резултатот. Се играше 69.минута кога Ѓуриќ беше во воздушен дуел со домашната одбрана, топката дојде до Драшковиќ а овој не пропушти со својот прв гол во дресот на Силекс, иако е две години во Кратово, да зголеми на 3:1. Да споменеме дека Стојковски во 88.минута имаше зицер за да го ублажи поразот, но домашниот голман Божиновски со прекрасна интервенција го спаси својот гол.