Вардар со Александар Васоски, без разлика на исходот на денешното мега – дерби со Шкендија, ќе биде прв по есенскиот дел, но сепак стратегот на скопските „црвено – црни“ сака три бода од овој натпревар.

За СПОРТМЕДИА шефот на струката на најтрофејниот наш клуб истакна…

„Без некој поголем притисок влегуваме во ова дерби. Добро знаеме што носи овој натпревар, и добро знаеме кој не смее да загуби денеска. Од друга страна ние не криеме дека за нас најважно е да се победи, да се оди на пауза со цели 11 бодиви предност, иако ни тогаш битката за титулата нема да биде завршена. Вардар е силно мотивиран, имаме добар и млад тим кој цела оваа есен покажа како треба да се бранат боите на клубот.

Посакуваме што повеќе публика на Арената, посакуваме убава атмосфера, победничка, па на крајот со победа над ривалот да му се израдуваме на успехот. Во врска со тимот има само уште една до две дилеми. Факт е дека Тошевски не може да игра, а Попзлатанов не е подготвен за сите 90 минути. Сепак кој и да настапи бидете уверени дека ќе го даде максимумот. На крај да кажам дека не сме оптоварени со традицијата, со тоа дека две години немаме триумф над Шкендија, тоа се само бројки. Најважно е тоа што денеска ќе се случува, а реков дека Шкендија ја респектираме, но одиме на победа, тука нема дилеми“ заврши Васоски.