По цели две години Шкендија е симната од тронот во мак – фудбалот. Сега таму е Вардар, оној Вардар кој пред стартот на сезоната речиси од сите беше „отпишан“. Му се предвидуваше борба за опстанок, сите анализи, стручни коментари велеа дека Шкендија во декември ќе има најмалку 15 бодови предност. Дека овој Вардар е најслабиот во историјата на ПМФЛ, дека ова, дека она…

И дојде тој декември. И не само што Вардар се бори за опстанок, туку овој Вардар, нели „најслабиот во историјата“ е прв, тој е есенски првак со 8 бодови предност пред Шкендија. И тоа апсолутно заслужено, без никаква дамка на тој успех, вардарци може да се гордеат. Само два порази, од кој едниот на стартот на сезоната од Македонија ЃП, а вториот во Струга. Инаетот, дрскоста, вербата во себе, младоста, се тие фактори или придружни елементи кои го донесоа Вардар таму каде што е сега. Да се перчи до март дека е најдобар во Македонија.

За овој успех, голем и неочекуван, заслуга има тимот, се разбира и тренерот Васоски. Заслуга имаат и дел од старо-новите лица во раководството кои знаат што сакаат, знаат како треба. И сега е време за радост, но не и за еуфорија. Зимава треба некои потези да се повлечат во вистински правец. Ако се тргне суспензијата тогаш да се купат 2-3 квалитетни играчи, а ако не, е тогаш никој да не смее да го напушти клубот во претстојниот преоден рок.

ВО СЕКОЕ ЛОШО ИМА И НЕШТО ДОБРО: АДЕМ, ИБИШИ, МЛАДЕНОВСКИ, СЕРАФИМОВ

Да, во секое лошо има и нешто добро. Фактот дека Вардар не смееше да купува играчи го натера тренерот Васоски да им даде шанса на своите младинци. А тие му возвратија во целост. Сега стартниот состав не може да се замисли без еден Адем, Ибиши, Младеновски, Серафимов и останатите. Сите тие буквално “експлодираа“ оваа есен. Ако во Вардар се паметни, тие ќе имаат тим за наредните години просто да доминираат во ПМФЛ. Се разбира дека тука се и Гачевски, Брдаровски, Тошевски, потоа одличниот Жунињо, Мицевски, Најдовски, Попзлатанов, Цветановски и останатите фудбалери кои го дадоа својот максимум, па и повеќе од тоа.

ЦУЈОМЕНАЛНО, СЕ РАЗБИРА ДАНИЕЛ АВРАМОВСКИ…

Горе во текстот ги споменавме речиси сите, само еден недостига. А тоа е Даниел Аврамовски. Некогаш големиот талент на Работнички, кој многу рано направи трансфер во Ц. Звезда, се врати во Скопје, но сега во Вардар и одново блеска. Иако не е класичен напаѓач популарниот Цујо,кој по добрите игри во Вардар влета и во А репрезентацијата, е прв стрелец во Лигата оваа есен со 9 голови. Игра, „пакира“, асистира, тресе, нема што не прави Цујо во Вардар. Токму затоа е новиот миленик на Комитите. Супер потег на оној кој што успеа да го донесе Цујо во Вардар.

Кажано е се, анализите допрва следуваат, но во Вардар не смеат ниту да помислат дека се е готово, дека тие 8 бодови се „готова работа“. Напротив, Шкендија веројатно си има свој план, веројатно таму нешто се „крчка“. Шампионот се ќе стори напролет се врати во таа своја форма, е тогаш навистина ќе биде интересно.

Тогаш следува уште една епска битка на македонските гиганти за титулата.

А во таа битка овој Вардар и тоа како има што да каже.