Ракометарите на Вардар вечерва (20.15 часот) во СЦ „Јане Сандански“ ќе го одиграат последниот сезонски меч на домашен терен, претпоследен во првиот дел од сезоната во СЕХА Газпром лигата. „Црвено-црните“ се домаќини на Татран Прешов во меч кој може да им го потврди пласманот на првото место во групата А.

Вардар обезбеди директен пласман во четвртфиналето, а за задржување на првото место во групата потребни му се најмалку три бода од последните две средби.

„Ја исполнивме целта и се пласиравме во четвртфиналето. Нашата цел беше и да бидеме први во групата. До крајот на групната фаза имаме уште две средби и потребно е да освоиме три бода и сметам дека можеме да го направиме тоа. Во моментов тоа е нашата цел и очекувам да ја исполниме”, изјави тренерот на Вардар, Кокшаров, на петочниот прес.

Вардар за првото место во групата се бори со Мотор кој засега има три бода помалку од СЕХА шампионот. Во случај на ист број бодови, „црвено-црните” ќе бидат првопласирани поради подобрата меѓусебна гол-разлика.