Светската антидопинг агенција (ВАДА) соопшти дека руската фудбалска репрезентација и да ги мине квалификациите нема да може да настапи на Мундијалот во Катар 2022 година поради суспензијата која и е изречена на оваа земја во следните четири години.

По оваа одлука од ФИФА побараа објаснување за руската фудбалска репрезентација.

„Доколку Русија обезбеди место нема да може да настапи под своето име, но постои механизам според кој може да поднесе барање за настап под друго име“, изјави претседателот на комисијата за жалби на ВАДА, Џонатан Тејлор.

Суспензијата доаѓа откако руската антидопинг агенција (Русада) беше прогласена за виновна во манипулирање со лабораториски примероци кои им беа предадени на иследниците во јануари оваа година.