Светската антидопинг агенција (ВАДА) изрече драстична казна за сите руски спортисти. Според последната информација објавена денеска, Русија доби четиригодишна забрана за настап на сите големи спортски настани поради непочитување на протоколот за антидопинг.

Тоа значи дека руското знаме и химната нема да бидат дозволени на настани како што се Олимписките игри во Токио 2020, но и на Светското првенство во фудбал 2022 година во Катар.

Спортистите кои можат да докажат дека не се дел од скандалот со допинг, ќе можат да се натпреваруваат под неутрално знаме. Извршниот комитет на ВАДА донесе едногласна одлука на состанокот во Лозана, Швајцарија.

Одлуката доаѓа откако руската антидопинг агенција (Русада) беше прогласена за виновна во манипулирање со лабораториски примероци кои им беа предадени на иследниците во јануари оваа година.

Русија има 21 ден да се жали против суспензијата.