Првпат по пет години македонскиот првак Вардар ќе добие македонски стратег, Стевче Алушовски, кој до крајот на месецов ја очекува својата промоција во тренер на „црвено-црните“ дознава СПОРТМЕДИА.

Алушовски пред неполн месец спогодбено ја раскина соработката со Еурофарм Работник, а сега ќе седне на клупата на европскиот првак, кој ќе го предводи во продолжението на сезоната, на местото на Шпанецот Давид Писонеро, кој ја завршува својата куса ера во Скопје.

Спортскиот директор и актуелен тренер на Вардар, Едуард Кокшаров нагласи дека по завршувањето на овој дел од сезоната се ќе биде познато, а со оглед на тоа дека вардарци последната обврска ја имаат викендов на гостувањето кај Нексе, а и сопственикот Сергеј Самсоненко до крајот на неделава треба да пристигне во Скопје, дефинитивно многу работи ќе бидат искристализирани во Вардар.

Писонеро по само три месеци доби „црвен картон“ и отворена понуда или да си оди или да остане како помошник тренер. Тој одлучи да остане најмногу од фамилијарни причини, како и да си наплати за сработеното до полусезоната пред дефинитивно да ги спакува куферите.

Неофицијално, Вардар и Алушовски биле во контакт и пред почетокот на сезоната, но стратегот тогаш останал верен на „фармацевтите“, клубот со кој испиша историја во Битола и кој го врати градот на европската ракометна мапа, со пласманот во Лигата на шампионите и СЕХА-лигата.

Сега македонската репрезентативна легенда ќе седне на жешкото „црвено-црно“ столче и ќе има и тоа како тешка задача да го врати препознатливиот лик на тимот кој на својот амблем носи две европски ѕвезди.

За Алушовски ова ќе биде како враќање дома, со оглед на тоа дека претходно на двапати (2000-2004 и 2005-2010) бил играч на Вардар, а покрај богатото играчко клупско и репрезентативно искуство во последните неколку години како тренер се кали преку својата ракометна академија, како и главен стартег на Пелистер, а во последните година дена и на Еурофарм Работник.

Андон Бошковски во 2014 е последниот македонски тренер кој седел на клупата на Вардар, пред да стартува шпанската ера, односно Раул Гонзалез, па Роберто Парондо, кои му ги донесоа двете европски титули на „црвено-црниот“ тим.

Превземањето на текстот и информацијата без согласност на СПОРТМЕДИА.мк ќе биде санкционирано според закон.