Полни осум години траеше судењето за случајот со натпреварот помеѓу Сарагоса и Леванте. Осум години фудбалерите и тренерите на двата клуба се водеа како осомничени во мечот од последното коло на Ла Лига во сезоната 2010/11.

Шпанскиот суд одлучи дека 36-те фудбалери на двата клубови и уште пет членови на стручните штабови и управата не се виновни, односно дека натпреварот од мај 2011 година не бил наместен. Судот образложи дека нема доволно докази дека мечот бил договорен и со самото тоа никој не може да биде прогласен за виновен. Меѓу осомничените беше и поранешниот селектор на Мексико Хавиер Агире, тогашен тренер на Сарагоса, а сега работи во Леганес.

Конечно заврши голготата. Среќен сум поради себе и фамилијата. Од првиот ден имав доверба во судот и верувам дека ќе пресуди правилно“, изјави Агире.

Според обвинението Сарагоса им платила на фудбалерите на Леванте 965.000 евра за да го пуштат мечот од последното првенствено коло и така да избегне  испаѓање во понизок ранг. Сарагоса победила со 2:1 и изборила опстанок, а во Сегунда „летна“ Депортиво Ла Коруња.