Еурофарм Работник не успеа да приреди ново изненадување против Веспрем. Речиси очекувано унгарскиот првак славеше на дуелот против битолскиот состав со 35-24 (17-10) за седма победа оваа сезона во СЕХА-лигата.

Веспрем дуелот го отвори со 6-0, на ракометарите на Еурофарм Работник како да им беше потребно време да се прилагодат. Се вратија во дуелот, но не целосно, противникот на одморот имаше предност од седум гола (17-10), а по само 11. минути во вториот дел со погодокот на Манасков поведе со двоцифрени 23-13.

Повеќе од јасно беше крајот на оваа пресметка. Битолчани го запишаа шестиот пораз во СЕХА, во последниот меч во регионалното натпреварување му гостуваат на Спартак Москва.

Гајиќ и Нилсон со по пет погодоци беа први стрелци, македонскиот репрезентативец, Дејан Манасков имаше четири гола. Во редовите на битолскиот тим Петровски имаше четири гола.