Црвена Звезда и Динамо Загреб беа елиминирани од Лигата на шампионите. Српскиот и хрватскиот шампион имаа шанса во последното коло со добри резултати да продолжат во Лигата на Европа но немаа среќа и ги освоија последните места во своите групи. Но нема да тагуваат затоа што се заработени фантастични суми од наградниот фонд на УЕФА.

Во клупската каса на белградскиот клуб од настапите во ЛШ оваа сезона се слеале 26,5 милиони евра што, сепак, е помалку од заработувачката на хрватскиот Динамо Загреб. „Модрите“ од настапите во Европа сезонава ќе добијат нешто повеќе од 30 милиони евра што претставува нов рекорд на заработувачка од настапите на меѓународната сцена (минатата сезона заработиле 17 милиони евра).

На пример од пласманот во групите Звезда заработила 15.200.000 евра, а на основа на десетгодишниот ранкинг уште 2.216.000 евра. Во групата Звезда оствари една победа и пет порази и е наградена со 2.700.000 евра. Од влезниците во групната фаза и квалификациите против Јанг Бојс и Копенхаген се инкасирани 6.300.000 евра.

Динамо за пласман си доби исто колку и Звезда 15.200.000 евра, додека „модрите“ само од ранкингот заработил 7,7 милиони евра што е логично со оглед на тоа дека во последните 10 години клубот од Загреб имаше поуспешни настапи од Звезда. Динамо обезбеди 2,7 милиони евра од победата над Аталанта, и уште 1,8 милиони евра од двете ремија против Шахтјор. На тоа ќе се придодадат и заработките од влезници и квалификациските средби…

Да кажеме дека ова се проектираните суми, и не се официјални… но јасно е дека двата клуба ќе имаат рекордни заработувачки.