Кога еден тим на крајот од есенската полусезона, како што во случајот е Вардар, им избега на најблиските конкуренти цели 8-9 бодови, кога игра најдобро, кога има најмногу победи и се разбира најмногу бодови, тогаш нема дискусија дека од тој тим треба да има најмногу играчи во тимот на полусезоната. Според СПОРТМЕДИА од Вардар има шестмина. Најдобар, и тоа убедливо, без конкуренција е Даниел Аврамовски. Тој е играчот на полусезоната. И не само што е прв стрелец, туку беше едноставно брилјантен.

На голот е Гачевски (Вардар). Тука нема дилеми, најмалку голови примени, најстандарден во формата, му донесе многу бодови на својот тим. Во дефанзивата Брдаровски (Вардар), Маслаќ (А. Пандев), Благојевиќ (Силекс) и Жуниор (Вардар). Популарниот Брда играше и како десен бек, играше и нешто понапред, се во функција на тимот. Маслаќ одличен, немало одамна таков стопер во ПМФЛ странец. Благојевиќ веројатно првиот играч на Силекс оваа есем, тим кој што во финишот на полусезоната блескаше и стигна до третото место на табелата. Жуниор фантастичен, и дава голови, и асистира, и во дефанзивата солиден. Комплетен лев бек.

Во средниот ред Најдовски, како ли одигра тој во дресот на Вардар? Фантастично, секако. Алими секогаш е во тимот на колото, полусезоната, сезоната, тој е класа за себе. Без него Шкендија е многу, многу послаб тим. Тој е „моторот“ на шампионот. Е сега да не „загубиме“ со 0:3, нели според правилата на ФФМ мора да има и младинец, тука е Али Адем. Тој е новиот „бисер“ на Вардар. Но Адем ќе беше во тимот без разлика дали е младинец или не. Момчето заслужува да биде во тимот на полусезоната.

И во нападот тука се најдобриот, играчот на полусезоната, Аврамовски. Дориев кој кога беше здрав беше одличен, А. Пандев победуваше. Кога тој се повреди и победите на „пандевци“ ги снема. На крај тука е Бесарт Ибраими, не блескаше како некогаш, но нели за „кралот“ на стрелците, за најдобриот голгетер во историјата на ПМФЛ со 167 голови, мора да има место. Секоја чест за Јурина и Прелчец, но Бесарт е Бесарт. Класа за себе.

Ете тоа е изборот на СПОРТМЕДИА за идеалниот тим на есенската полусезона. Секако дека ќе има замерки, негодувања, но тоа е нашето мислење.

А, нели, секој си има право на свое мислење…

ИГРАЧ НА ПОЛУСЕЗОНАТА

ДАНИЕЛ АВРАМОВСКИ

Тим: Вардар

Роден: 20.02.1995

Кариера: Работнички, Македонија ЃП, Ц. Звезда, ОФК Београд, Олимпија, Војводина, Вардар