Војдан Стојановски својата кариера ќе ја продолжи во француски По Лак Ортез. Капитенот на македонската репрезентација во вистинско време најде ангажман, ќе влезе во натпреварувачки ритам до стартот на квалификациите за пласман на ЕП 2021 година.

Стојановски потпиша договор на два месеци, првиот меч ќе го одигра за четири дена против Раста Вехта во меч од шампионската лига на ФИБА.

„За прв пат во мојата кариера ќе настапувам за еден клуб од Франција, еден од најпознатите во историјата на кошарката на оваа земја. Да, долго чекав на новиот клуб, но сега се си дојде на своето место. Бев нетрпелив, но чекањето мислам дека максимално ќе се исплати. Договорени се сите детали. Договорот е со важност од два месеци. Но го прифатив од проста причина што ова е сепак Франција, но и поради тоа што играат во ФИБА Лигата на шампионите“, изјави Стојановски.

Во францускиот шампионат, тимот на Војдан има четири победи и девет порази, се наоѓа на 15. позиција во француската ПРО А лига, додека во ЛШ има две победи и дури шест порази.

И тренерот на францускиот тим Лорен Вила, задоволен од ангажманот.

„Добивме играч со големо искуство, кој каде и да отиде остава одличен впечаток. Тој е вистински тимски кошаркар, има квалитет и може да придонесе многу во нападот, да постигне 20 и преку 20 поени по натпревар, но исто така игра и добро во одбрана“, рече Вила.