На почетокот на 2000 година Реал Мадрид го нарекуваа „Галактикоси“ поради големиот број на ѕвезди кои играа во него. Беше страв и трепет во Европа, играа Зидан, Роналдо, Бекам, Раул, Робен, Канаваро, Касиљас, Фиго, Роберто Карлос… Меѓу нив беше и Роберто Солдадо кој долго го чекаше дебито за првиот тим. Покрај толку голем избор на фудбалери тој имаше мала минутажа, а поради тоа немаше ни конкретни резултати. Затоа кариерата ја градеше надвор од „Сантијаго Бернабеу“.

А заминувањето од Реал се покажа како вистински потег за шпанскиот голгетер, подоцна и репрезентативец, иако кариерата најповеќе ќе остане запаметена по бројните подеми и падови. Во интервју за „Гардијан“ Солдадо се присетува на моментите во Реал и на својата кариера во другите клубови (поточно Тотенхем) и раскажува за приватниот живот.

ПРЕМНОГУ „ЗЕЛЕН“ ЗА ДА УСПЕЕ ВО РЕАЛ

Бев дел од Б тимот, а потоа јас и уште четворица добивме порака дека ќе одиме со првиот тим на подготовки во САД и Јапонија. Тоа што го доживеав со ’Галактикоси’ е неверојатно. Доаѓаа по 50.000 луѓе само да ги гледаат нашите тренинзи. Бев дете и премногу ’зелен’ за да ја искористам ситуацијата на вистински начин. Не бев психички спремен за сето тоа. Кога ќе се присетам на тој период себе си си велам: ’Еее Роберто, какво бебе си бил’. Требаше некој да дојде, да ми удри шлаканица и да ми каже да работам повеќе.

Едноставно не водев сметка за себе. Тогаш јадев и пиев премногу. Тогаш да ми дадевте чаша вино ќе ја испиев и не само тоа, ќе земев уште една, две. Сега си велам: ’Како ли мислев дека ќе играм за ’Галактикоси“ во таква форма’. Подоцна ангажирав фитнес тренер кој ми рече дека секоја година која ќе помине морам да имам килограм помалку. Сега имам седум килограми помалку отколку што имав кога бев во Реал. Се срамам кога ќе ги погледнам фотографиите од тоа време“, изјави Солдадо кој признава дека бил палаво дете, а неговите родители морале да се преселат од родната Валенсија во Мадрид за да го држеле Солдадо на око.

ТИНЕЈЏЕР БЕЗ КОНТРОЛА

Кога имав 18 години отидов од дома и живеев со двајца млади играчи. Правев луди работи. Некој после полноќ ќе му текнеше: „ајде да излеземе да пиеме нешто“.  Јас прв станував и се облекував. Се забавувавме до зори, па од таму на тренинг, па вечерта пак истото. Реал беше загрижен за мене и ги повика моите родители да се преселат во Мадрид. Живееја со мене, ме ставија во ред. Се оженив и станав татко. Животот стана многу поопуштен“, вели шпанскиот фудбалер.

СИН МУ НЕ ЗНАЕ КОЈ Е ЗИДАН

Солдадо вели дека неговиот син не се сеќава на ерата на Галактикоси, ниту знае дека сум играл со Зидан, Бекам, Роберто Карлос, Раул…

Син ми не се сеќава на ерата на Галактикоси. Кога заедно го гледаме Зинедин Зидан на клупата на Реал му велам: ’Го гледаш Зидан? Тој ми беше соиграч во Реал’. А тој ми вели: ’Добро, а дали знаеше да игра фудбал?’. Тогаш му покажав видео снимки од интернет за да му покажам колку Зизу беше добар“, продолжува Солдадо.

ЕХ, ДА НЕ БЕШЕ ХАРИ КЕЈН…

Солдадо играше за уште неколку клубови. Од Реал во соседниот Хетафе, па во родната Валенсија, каде играше најдобро. Во 2013 се преселил во Тотенхем за 30.000.000 евра. Во Лондон не се снајде, па се врати во Шпанија во Виљареал. Следуваше тешка повреда поради што бил пред фудбалска пензија.

Времето во Тотенхем во памти по денешниот капитен Хари Кејн. Поради него не можел да игра и да ги покаже квалитетите.

Ако треба да жалам за нешто откако ќе се пензионирам ќе биде начинот на кој играв во Тотенхем. Не ми е жал што отидов на Вајт Харт Лејн. Искрено верував дека ќе се адаптирам на нивниот стил со оглед на формата во којабев. Но, по моето доаѓање имаше едно момче кое експлодираше. Поради него не можев да заиграм. Тоа момче е Хари Кејн. Тој ме стави во втор план. Сватив дека тој напредува со брзи чекори и дека ќе биде главен играч во Тотенхем. И бев во право, сега тој достигна неверојатно ниво.

Секој ден го гледав на тренинзите. Видов играчи кои тренираа добро, но Кејн е еден од ретките кој покажуваше исто ниво и на натпреварите. Кога првпат го ставија во тимот видоа дека има огромен потенцијал. Тој знаеше да ја задржи топката и да реагира во точен момент. Верувам дека за него не постои лимит. Мислам дека ќе биде уште подобар од сега“, раскажува Солдадо.