Група луѓе од скопски Чаир, на чело со Ирфан Кајоли, се во фаза на основање на нов Футсал клуб со име  ФК Галатасарај-

ÜSKÜP, тоа на турски значи Скопје. Тие се наши сограѓани од турска националност, а некогашни спортисти, фудбалери кои сакаат да се покажат и во Футсалот. Клубот треба да никне следната година и веднаш да почне да се натпреварува во нашата  втора Футсал лига, а амбициите се големи, што побрзо да се дојде до елитата. Којзнае набргу Чаир можеби ќе добие големо соседско дерби во футсал и тоа меѓу Шкупи, нашиот шампион и Галатасарај- ÜSKÜP.

Двигател на целата оваа идеја е Ирфан Кајоли кој треба да биде директор на клубот. Тој е некогашен фудбалер на Слога Ј, а сега работи во службите на Општина Чаир и има и сопствен бизнис. Додека спонзор на целиот овој проект е Сезер Пурде.

Инаку името на клубот Галатасарај асоцира дека луѓето од клубот кој треба допрва да се основа, се во постојани контакти со челниците на гигантот од Истанбул, веројатно најголемиот клуб во Турција. На почеток нашиот Галатасарај ќе има помош од турскиот Галатасарај. Инаку да споменеме дека оваа е убава идеја и од аспект на бројната турска заедница во Македонија. Тие немаат свои спортски клубови или тие се многу ретки, а го заслужуваат тоа како лојални граѓани на ова земја. Еве на пример семејството Кајоли е стара скопска фамилија која во Чаир, во Скопје, егзистира со генерации и повеќе од 120 години.

Сега на ред е футсал клуб, но којзнае, еден ден ако работите тргнат во посакувана насока, можеби ќе се дојде и до фаза на основање на фудбалски клуб кој би играл во нашата Прва лига. Треба само да се има добра идеја, истата да се реализира  и пред се таа идеја да ја „туркаат“ вистински луѓе кои го сакаат спортот, го сакаат футсалот, се разбира и фудбалот. Секако и го сакаат дружењето, спортското пријателство, фер- плејот, пред се спортскиот дух.

Така и треба, секоја ваква идеја заслужува поддршка…