Селекторот Данило Брестовац со дел од репрезентативците ги започна подготовките за ЕП 2020, а на првата прозивка очекувано изостанаа најискусните. Како и во претходните акции, така и оваа почнува со млади сили кои треба да се изборат за свое место во А тимот и секако за билет за Виена.

„Горе-долу планот е познат, акцентот е ставен на пријателски натпревари. Оваа седмица е со играчи од Б репрезентација, ќе видиме од нив кој ќе може да ни заврши работа, кој може да се наметне. Треба да ме уверат дека имаат квалитет и дека можат да бидат членови на А репрезентацијата. Може малку звучи грубо ваквата поделба на А и Б селекција, но со мене така ќе биде, за да си знаат и самите играчи. Знаете дека проблем е нивната мала минутажа во клубовите, имаат четири натпрревари, не можам да гарантирам дека ќе се подели минутажата, но треба и тие да бидат реални дека на овие натпревари ќе мора да ме уверат дека заслужуваат да се најдат во тимот за Виена. Се надевам дека ќе проработи и инатот во нив и дека оние играчи кои се со поскромна минутажа во клуботите ќе ги демантираат тренерите. Правам паралела на она што треба да се даде на ЕП. Се надевам дека некој од овие млади играчи да блесне, не велам дека ова е последна шанса за нив, но време е некој да исплива на површина“, заклучи селекторот Данило Брестовац на првиот собир.

Прашан за тоа какви се неговите погледи и планови за овој млад тим и за играчите кои евентуално би се нашле на ЕП, селекторот вели:

„Најмногу зависи од играчите. Подготвен сум да вложувам ида  ризикувам, но дали ќе се најдат во тимот за Виена зависи само од нив. Ако за овие четири дуели тие не ми докажат дека можат и сакаат, не можам некого со сила да натерам. Најтешко е да разбудиш некој што се преправа дека спие… Секој ќе добие шанса, отворен сум, спремен да ризикувам и јас сум тука за да има дадам шанса и на ЕП. Јас не ги барам за да седат на клупа, ќе им дадам простор за игра.“