Вардаровите фанови во исчекување на промоцијата на новиот стратег на европскиот првак покренаа петиција на социјалните мрежи за враќање на шпанскиот тренер Роберто Гарсија Парондо, со кој „црвено-црните“ минатата сезона по вторпат во три години ја освоија титулата во Лигата на шампионите.

Шпанецот, кој по заминувањето од Скопје ја превзема селекторската позиција на машкиот национален тим на Египет, во разговор со СПОРТМЕДИА, се заблагодари на довербата и поддршката која и натаму ја има од фановите, но тешко дека повторно би го виделе како тренер на Вардар.

„Што можам да кажам!? Добро е кога луѓето зборуваат за вас, тоа значи дека имаат добри спомени и ја почитуваат вашата работа. Јас понесов само убави спомени од Вардар, Скопје и Македонија… Благодарен сум за тоа и му посакувам на Вардар се најдобро!“, изјави за СПОРТМЕДИА, Роберто Гарсија Парондо.

Голем дел од вардаровите ракометари во јануари ќе се посветат на обврските со националните тимови и настапот на ЕП, додека оние кои во моментов одмораат, чекаат да бидат информирани од клубот кој ќе биде нивниот нов тренер и кога ќе започнат со работа во новата година.