Во пресрет на Европското првенство во јануари, селекторот на Хрватска Лино Червар е во центарот на вниманието, а при донесувањето одлуки околу неговиот национален тим, некако неизбежно му е да се заморува и со Македонија, во која работеше долги години и на чие селекторско столче исто така седеше.

Па, така, Червар не пропушти да прокоментира нешто и за нас.

„Поради штрајк во еден момент во Металург останав дури без 25 играчи. Сопственикот ми рече дека мора да останам за да покажеме дека и со деца можеме да одиме напред. Против Кил игравме со Кузмановски, Талески и Нелоски, кои тогаш буквално беа ‘клинци’. Постигнавме три гола за едно полувреме, но добивме аплауз за храброста. Тие ракометари две години подоцна го совладаа Вардар, непосредно пред тој да ја освои првата европска титула. Но, работев по шест часа дневно со нив и на тоа сум најмногу горд. Во една прилика го прашав тогашниот премиер Никола Груевски дали си ги сака сопствените деца, бидејќи видов дека за Вардар се е ’мед и млеко’, а за другите нема ништо. Не го прифатив тоа… Вардар е европски првак, но каква корист од тоа има репрезентацијата на Македонија. Тоа е проблем за кој неодамна говореше и Кирил Лазаров. Кјелце, пак, со години е во врвот на европскиот ракомет, а Полска не може да направи ништо на големите натпреварувања“, вели Лино Червар.