Македонија успеа да избори пласман во финалето на „Трофеј Карпати“ го совлада Алжир со 25-24 во неизвесен финиш и покрај тоа што на полувремето имаше комотна предност од 15-9.

Мартин Поповски беше втор стрелец во нашите редови со четири гола. Репрезентативецот вели дека веќе се чувствува и заморот од патувањето, но добро е што и во една ваква ситуацијата на крајот мечот заврши во наша корист.

„Бевме малку уморни од претходните два меча и патувањето. Но, подобро отворивме, направивме предност што изнесуваше и пет-шест гола разлика во првото полувреме. На почетокот на вториот дел имавме мал пад, противникот тоа го искористи, но не паничевме, бевме смирени и тоа ни донесе победа. Сега останува да го одиграме и утрешниот меч, со ладни глави, да се вратиме назад и да ја почнеме финалната фаза од подготовките“, изјави Мартин Поповски.

Во финалето на овој турнир, Македонија ќе игра со подобриот од Холандија и домаќинот Романија.