Машката ракометна репрезентација на Македонија ќе ја гледаме во финалето на меѓународниот подготвителен турнир во Романија, „Трофеј Карпати“, откако во првото полуфинале со 25:24 (15:9) ја победи селекцијата на Алжир.

Марио Танкоски со осум погодоци беше најрасположен во нашите редови, додека Поповски постигна четири гола, а Н. Маркоски, Мишевски и Велковски по три. Митревски забележа осум одбрани.


Со одлична одбрана Македонија го отвори мечот и тоа и донесе константно водство 2:1, 4:3, 6:3, кои го принудија селекторот на Алжир да побара тајм-аут по само десет минути игра. Противникот врза два гола по советите од клупата, 6:5, но брзо беше прекината серијата, а нашата репрезентација се врати на највисоки три гола предност 8:5.

Иако во еден момент од мечот Македонија имаше тројца играчи повеќе на теренот, не успеја повеќе да ја зголеми предноста, но тоа го стори подоцна 10:6, 13:7, водени од Танкоски и Поповски кои беа одлично расположени, па на полувреме заминавме со предност од 15:9.

Македонија имаше предност од три-четири гола (20:16) во првите десетина минути од вториот дел по што следуваше пад во нашата игра и серија на Алжир од 1-4 (21:20).

На 23:22 за нашите момци, Брестовац побара минута одмор, но Гедбан го запре ударот на Костески, но откако Алжир го загуби нападот за егал, Велковски се избори за 24:22 на четири минути до крајот. Се држевме на два гола разлика и по погодокот на Димитриоски 25:23, но во одбраната не наоѓавме решение за бековите на Алжир.

На следниот напад Крстевски биеше директно во Гедбан, но потоа и Митревски интервенираше за со 25:24 Македонија да се најде во финалето, каде ќе играме со победникот од мечот меѓу Романија и Холандија.