✏️ Подготвиле: Весна Николовска и Марија Ковачева

Број еден играчот на Еурофарм Работник, Никола Митревски, по неколкугодишна пауза сезонава се врати дома за да биде поблизу до своите, до селекторот и националниот тим, но и за да проба нови предизвици во својата кариера. Чуварот на мрежата во моментов е фокусиран на репрезентацијата и подготовките за ЕП 2020, но без никаков проблем одвои време за СПОРТМЕДИА за да поразговара за полусезоната која ја остава зад себе, но и за она што го чекаат него и Македонија во Виена, како и продолжението од сезоната.

По четири години интернационална кариера се врати во Македонија, во Еурофарм Работник. Кога ќе ја сумираш полусезоната дали мислиш дека тоа беше вистинската одлука за тебе?

„Имав неколку понуди. Една беше да останам во Констанца, друга екипа од Романија покажа интерес, имав понуди и од Данска, но одлучив да бидам поблизу до селекторот, СЕХА лигата, сакав да пробам една сезона дома во мојот град, во Битола, да видам како ќе издржам психички. Кога играш во странство, ориентиран си на својата работа, на професионализмот, на ракометот. Кога си дома има многу познаници, пријатели, секој сака да те види, помалку да те дефокусира од тој пат и сакав да пробам каков ќе бидам и мислам дека не згрешив во одлуката и што го одбрав Еурофарм Работник.“

Твојата оценка за полусезоната, настапот во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата…

„Имавме турбулентен период од четири-пет месеци од првата полусезона. Имавме добри натпревари, кои на крајот ги губевме, во еден мал дел од натпреварот ја ’губевме главата’ и тоа ни се одразуваше на финалниот резултат. Шест или седум натпревари загубивме со еден гол, уште два-три со два разлика… Мислам дека одигравме солидна полусезона, во тие одлучувачки моменти кога требаше да ги добиеме натпреварите можеби ни недостасуваше лидер во нападот, кој ќе ја земе топката и ќе постигне гол. Полусезоната според мене е успешна, затоа што клубот е нов, првпат во СЕХА лигата, дебитанти во Лигата на шампионите. Кога си нов поинаку те гледаат сите, немаш респект од целокупната ракометна европска јавност, но со трите победи во ЛШ и четвртото место во СЕХА, за мене не е некој голем успех, но е добар старт… Победата над Веспрем е нешто што ќе се памети.

Индивидуално како си задоволен? Неколкупати се најде на листата на топ-5 одбрани во ЛШ, СЕХА трипати те именуваше за голман на месецот, а и статистички заврши како најдобар чувар на мрежата во регионот по полусезоната.

„Сметам дека можевме многу повеќе и како екипа и јас како дел од неа. Голманот секогаш зависи од одбраната. Може да имам еден добар ден, но во следниот ако нема добра одбрана тешко дека ќе го повтори претходниот меч. Мислам дека бев ОК, се уште учам каде, што и како можам да подобрам во продолжението од сезоната… Задоволен сум од тоа како се носев со притисокот да играм дома, во мојот град, каде има многу познавачи на ракометот и секој мал кикс се гледа двојно и повеќе сум подложен на добронамерни критики… Поинаку е кога те гледаат на ТВ и во сала, каде секое движење, гестикулација или реакција се препознава.“

Од неодамна Еурофарм и Пелистер се фузираа во еден тим. Како гледаш на сето ова? Што значи ова за Битола?

„Секако дека ракометната публика ќе има бенефит од ова спојување, ќе имаме повеќе публика и поголема поддршка која доколку ја имавме во првиот дел од сезоната оние натпревари на разлика секако дека ќе ги добиевме. Покажа дуелот со Веспрем дека публиката може да биде важен фактор, поддршката секогаш значи. Битолската публика е желна за спорт. Голем број од оние кои доаѓаа да ги гледаат натпреварите на Еурофарм сезонава, доаѓаа и на натпреварите на Металург во Скопје, кога ги имаше најголемите успеси во ЛШ, некои го следат и Вардар сега, репрезентацијата секаде ја бодрат, тие се големи љубители и без разлика кој тим игра тие се на трибини. Но, со фузијата ќе ги добиеме и ’Чкембари’ чија поддршка секако ќе значи многу. Сосем поинаку е кога имаш една таква навивачка група која ја води комплетната атмосфера во салата, а поинаку е и кога имаш полна сала без навивачка група.“

Ги спомена и Вардар и Металург…, а во кариерата си играл во нашите најдобри клубови (Пелистер, Металург, Вардар, Еурофарм Работник). Во која средина најмногу се пронајде?

„Во Пелистер бев многу млад без притисоци, без никакви очекувања од клубот, беше беспарица…потоа заминав во Вардар каде исто така не се очекуваше многу од мене. Кај Вујовиќ се наметнав, добив шанса и мислам дека ја искористив. Потоа минав пет години во Металург, во најубавите години на клубот, бев таму со Лино Червар. Од секој по нешто научив и дадов онолку колку што ми беше дозволено да го дадам на терен. Оваа сезона имав најмногу минутажа од останатите македонски клубови, но и дека искористив доволно. Немам некоја средина која посебно би ја издвоил. Секаде бев задоволен, со она што го прикажувам и со она што го добивам.“

А, во репрезентација? Дали она што го покажуваш во моментов е најдоброто од тебе?

„Не знам. Многумина така велат. Знам и чувствувам дека имам уште повеќе да дадам…

Значи потребен ти е само поголем простор за игра…

„Не простор… Мојата филозофија е дека секој еден треба да се пронајде во екипата, без разлика дали е прв, петти или 16-ти играч. Каква минутажа и да се добие, таа треба да се искористи и да се наметне за следниот меч. Ако добиеш десетина минути на терен и во нив влезеш со став ’Ех, ме става во 50-та минута, ладен…’, следниот натпревар нема да добиеш ниту десет минути. Но, ако одиграш овој меч добро, следниот пак добро, третиот ќе добиеш можеби и дваесет минути, едно полувреме или пак 60 минути. Никогаш не ја потценувам минутажата која ја добивам затоа што лесно е да гледаш сам засебе како поединец. Тренерот е тој кој што треба да внимава на играчите, да мисли за тие 16 во составот и оние надвор од него. Поединецот, играчот размислува само за себе, зошто јас не играм, не доби поголема минутажа. Со таков став тој отежнува не само на тренерот, туку и општо на екипата. Негативната енергија се пренесува и на екипата. Никогаш не сум бил таков, да се бунтувам. Ми се случувало и во 59. минута да влезам во игра и тоа е тоа… Теренот е еден вид на војна. Ако имаш еден куршум и мора да пукаш, мораш да погодиш. Ако не погодиш ти, тоа ќе го стори противникот и ќе победи. Така го имам сфатено сето тоа од самиот старт на кариерата и се водам по таа филозофија. Од психолошки аспект е многу важно како ќе го прифатиш тоа…

Дали тоа значи дека правиш психолошки подготовки пред натпревар?

„Имам свои принципи. За натпревар се подготвувам непосредно пред него, психичка анализа и на играчите и на самиот себе. Психологијата во спортот може кај нас е се уште малку неразвиена, нема свој удел, но на Запад е и тоа како важен фактор. Многу помага за моменталната форма на играчот…“

Голманската позиција во репрезентацијата е онаа на која има најсилна конкуренција. Како гледаш на младите играчи, има ли некој кој ти остава впечаток?

„Од 2007 година сум во репрезентација и на голманската позиција секогаш конкуренцијата била голема. Тогаш беа актуелниот селектор Данило Брестовац, Петар Ангелов, Петар Мисовски, Борко Ристовски… јас и Даскаловски тогаш влегувавме во А тимот. Од тогаш до денеска, веќе 12-13 години, секогаш сме имале квалитетни и врвни голмани. Истото важи и за младите кои доаѓаат. Тоа е доказ дека имаме добри тренери и добар голмански потенцијал. Секој се бори за минутажа и во клубовите и во селекцијата. Добро е да се има конкуренција, таа те влече напред. Ако ја нема неа паѓаш во зона на комфор. Секогаш добрата конкуренција те носи чекор понапред… Што се однесува до младите, не знам зошто кај нас не добиваат повеќе простор да добијат на искуство и се кренат на едно ниво повеќе…

Во Еурофарм Работник играат двајца ракометари, репрезентативци на Украина, нашиот прв противник на ЕП. Дали со Шевелев и Остроушко прокоментиравте нешто за оваа средба?

„Освен дека победникот ќе чести пиво, не сме зборувале ништо друго. Тие се подготвуваат за себе, ние за нас. Меѓусебно се проучувавме во последниот период. Шевелев не толку, но Остроушко е многу важен за Украина, најдобар стрелец е во Еурофарм, но троши многу топки. Ако се подготвиме добро и ако го искористиме тој момент може да го искористиме. Ќе биде интересно, бидејќи е прв натпревар и според мене најважен за ЕП. Многу е важно како ќе стартуваме со оглед на тоа дека две селекции одат понатаму, треба да си го олесниме патот до вториот круг.“

Дали новиот систем на ЕП треба да не плаши?

„За сите е исто. Првите две репрезентации во групата одат понатаму. Кој како ќе се снајде, како ќе се подготви и психички и физички и тактички секако, тој ќе оди натаму. Среќата ќе биде фактор, подолгата клупа, можеби во вториот круг и секој меч ќе биде важен. Затоа и нема избор, освен на секој натпревар да се влезе машки, борбено, да се даде максимумот и да се оди на победа.“

Нашата група не е толку наивна како што се чинеше на прв поглед…

„Во нашата група нема изразен фаворит како Германија, Шпанија, Хрватска или скандинавските земји. Мислам дека е најизедначена и најнепредвидлива. Секој може да биде и прв и четврти. Ќе биде тешко, на секој меч…“

Дали ракометот е твојата прва љубов, прв спорт или претходно си тренирал нешто друго?

„Прво почнав да тренирам фудбал, неколку месеци, но падна снег во Битола до колена и повеќе не се појавив на тренинг. Во основно училиште моите соученици тренираа ракомет, ние двајца-тројца бевме што трениравме фудбал. Но, бидејќи групата сакаше ракомет, моравме да играме ракомет на училиште. Јас не сакав да играм, туку стоев на гол… Класниот раководител ме насочи дека морам да тренирам ракомет, да бидам голман и на негов наговор продолжив со ракомет.“

Која е твојата новогодишна желба?

„Најголема желба ми е да бидеме сите здрави на првенството. Ако изостанат повредите и ако сме сите здрави ќе може да се бориме, во спротивно ќе остане само на желба.“