Секако дека главен белег во 2020 година на репрезентативен план ќе биде плеј-офот за пласман на ЕВРО. Македонија е само 180 минути од историја, од пласман за првпат на некое големо фудбалско натпреварување од својата самостојност.

Веќе наголемо се подготвуваме за 26 март и мечот на деценијата со Косово. Тој натпревар се игра на Арената „Тодор Проески“ во Скопје. Во случај на триумф, на 31 март гостуваме кај победникот од второто полуфинале меѓу Грузија и Белорусија. Значи со две победи избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе испишат историја, ќе се впишат со златни букви како генерација која успеала да го оствари најголемиот успех на фудбалска Македонија.

Имаме право на надеж. Во изминатите две-три години оваа репрезентација покажа дека е најдобрата Македонија од 1993 па наваму. Ги имаме Пандев, Елмас, Барди, Алиоски, Ристовски, Несторовски, Тричковски, Муслиу, Адеми и сите други предводени од селекторот Игор Ангеловски, кои можат, сакаат, имаат и квалитет да се најдат на завршницата на ЕВРО 2020.

Па, момци…вие сте на потег.