Македонската ракометна репрезентација попладнево го одработи првиот тренинг во Словенија, Терме Лашко, каде и ќе ги одигра последните два подготвителни натпревари пред настапот на Европското првенство во Виена.

Селекторот Данило Брестовац го имаше комплетниот состав на располагање, кој рано утринава влезе во последната фаза од подготовките за континенталниот собир.

Атмосферата е одлична, сите се убаво расположени, а од она што очекува на последните две контроли, селекторот вели:

„Сакам да видам каква ќе биде атмосферата и што ќе се случува на првиот тренинг заедно пред да поставувам задачи на пријателските дуели.“

Македонија утре во 19 часот ќе одигра пријателски меч со Словенија, додека на 6. јануари игра против Црна Гора.