Стевче Алушовски е нов голем предизвик, да се биде тренер на европскиот првак во Лигата на шампионите и тоа како е одговорна задача, особено кога ќе се додадат сите играчки проблеми со кои се соочи Вардар во изминатиот период.

Првиот дел од сезоната македонскиот тим го заврши на шестото место на табелата во групата Б со скор од четири победи, едно реми и пет порази. До крајот на групната фаза остануваат уште четири меча, шанса да се дојде до подобра позиција пред осминафиналната пресметка.

За официјалниот сајт на ЕХФ, Алушовски вели дека драстични промени не може да се очекуваат, но се надева дека одредени детали ќе ги донесат посакуваните резултати.

„Овој тим се соочи со многу повреди, тука е повредата на Кристијан Дисингер, па во продолжение ќе имаме на располагање еден лев бек помалку. Не можеме да направиме драстични промени, но со промена на одредени детали кои треба да бидат доволни за подобри резултати во ЛШ. Вардар е шампион и секогаш има високи цели“, рече Алушовски, а потоа на кратко искоментира за дуелите кои допрва следуваат.

„Почнуваме против Кил и ни остануваат уште три средби потоа, се надевам дека Вардар набрзо ќе се врати на победничките патеки“.

Стартот на подготовките е закажан за 13-ти јануари, но поради обврските кон националните тимови на располагање ќе нема голем број од лидерите.