Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва гостуваат кај лидерот во АБА 2 лигата екипата на Борац во големото дерби на 15. коло во регионалната конкуренција. Одличната серија од три последователни победи, „штрковите“ ќе се обидат да ја продолжат и на гостувањето во Чачак, против тимот кој во минатото коло изненадувачки беше поразен од Спарс во Сараево.

Тренерот на нашиот првак, Ѓорѓи Кочов, во пресрет на мечот вели:

„Пред нас е натпревар против противник што добро го познаваме и екипа која во досегашниот дел од шампионатот покажа најголема константност. Играат агресивна одбрана на граница на прекршок, особено на домашен терен. Борац, без сомнение, е фаворит пред овој дуел, но и ние ќе имаме што да кажеме, односно и во Чачак одиме на победа исто како и на секој друг меч. Ги знаеме нивни предности, но и слабости и ќе пробаме да ги примораме да ги покажат своите слаби точки“.

Средбата во Чачак попладнево стартува од 18 часот, а Борац е на само бод пред МЗТ Скопје А. на врвот на табелата во АБА 2 лигата пред оваа средба.