Лани бев цврсто убедена дека Минхен ќе остане заокружен во мојот тефтер како еден од оние градови домаќини кои не даваа ни минимален имплус дека се случува едно големо ракометно натпреварување, но се чини се излажав.

Ден пред да почне вистинското за Македонија во Виена станав полна со верба дека ќе биде поинаку. Го чекав утрото со душа, слетав доцна вечерта, па си реков не гледаш убаво, сигурно ќе биде поинаку.

Ќе има приказни, нема да бараш игла во сено, спортскиот „Моцарт“ ќе се разбуди во тебе, ќе испишеш убава спортска мелодија како за почеток, па да му се сневиди во Виена си.

Полна себе тргнав кон салата, според фотографијата од интернет очекував нешто поубаво, спектакуларно.

Пак утна, си промрморев, сигурно си на погрешно место…Барај знаменца…По кратко талкање конечно се појави натпис – влез за медиуми.

Па Австријците не се како нас Балканците, си бркаат работа, светот не застанува за нив дека се домаќини на европско. Имаат на што да се радуваат, спортски се убаво поткрепени, ракометот не е спорт број еден – НЕЛИ!?

Брзо ме утепа монотонија. Глупавиот лавиринт во салата во која не се знае каде е влезот, а уште помалку излезот, и оние ладни фаци, беа повеќе од доволни да се разочарам.

Ја грабнав акредитацијата, си влегов во такси, брзав да стигнам на време да ги пречекам ракометарите.

БИНГО! Наеднаш денот ми се промени. Далеку од тоа дека добив пари, но запознав Македонец, дојден на привремена работа во Виена. Нема да навлагам за условите, политика не сакам, нема ни да ја сакам…што имам јас од нив?

Дечково се разбира во спорт, тема на која најмногу сакам да зборувам. Во последните три години главен синоним за ракомет во Македонија е Вардар.

Е да, „црвено-црните“ заедно со момците кои денеска ќе излезат на терен се едни од најголемите амбасадори на нашево државиче, тие се главен филтер и единствена причина поради која на момент забораваме на сите проблеми.

Потврдата веднаш стигна…

„Возев еден дечко, ми тврдеше дека е другар на некој си Билик“, ми раскажува дечкото во таксито.

„Ме праша дали го знам Билик, му викам секако дека не. Сакав да го зезнам, па му викам, а ти па го знаеш Стојанче Стоилов. Како од пушка ми одговори. Како не го знам, тој е капитенот на Вардар, играчот кој во последните три години подигна два пехари во Лигата на шампионите.

Е тука ми се наполни срцето, зошто Столе е икона“.

Ништо не погреши. Овој такси муабет е потврда дека играчот со број пет не само што во Македонија е вистинска ѕвезда го знаат и подалеку.

И сето ова беше доволно да се наполнам со самодоверба, со насмевка да го продолжам денот.

Како јагода на шлагот беше кога ја видов желбата кај сите репрезентативци, од прв до последен, од срце посакуваат да ја израдуваат својата нација.

Посакуваат ова Европско првенство да трае повеќе, да тргнат победнички.

Што се однесува до мене, јас ова утро станав оптимистички расположена. Знам дека само „Фалангата“ може да му даде на овој евро-шампионат поинаков шмек, знам и се надевам дека вечерва ќе се слави….

***ЗАБЕЛЕШКА: Авторот пишува со слободен стил****