Во втората балканска војна во групата А во Грац на Европското првенство, Црна Гора со 22:21 (11:10) ја совлада Србија и со тоа и ја „спакува“ за дома оваа репрезентација.

Двете селекции во меѓусебниот дуел ја бараа надежта за главната фаза и додека Црногорците слават, на Србите им е јасно дека за нив ова ЕП е завршено, со оглед на тоа дека претходно загубија и од Белорусија, а последен противник им е непоразената Хрватска. Црна Гора, пак, во третото коло против Белорусија ќе одлучуваат која селекција ќе патува понатаму.

Црна Гора уште на стартот наметна свое темпо и поведе со 4:1 по само осум ипол минути игра, додека највисоката предност Црногорците ја имаа во средината на полувремето, 7:3. Србите полека ги консолидираа силите и изедначија на 9:9 во пресрет на паузата, на која Вујовиќ погоди за плус еден, 11:10 за Црна Гора.

Во вториот дел се водеше голема борба до 13:13 во која голема улога одиграа и голманите, а Србија по серијата од 0-3 на Зеленовиќ, Кукуќ и Иванишевиќ дојде до највисоката предност, 13:16. Минута одмор за Црна Гора и работите добија поинаков тек. Црногорците направија серија од 6-1, цели седум ипол минути Србија беше без погодок, Симиќ блескаше меѓу диреците и донесе 19:17 во пресрет на последните десет минути. Имаа и 22:20 Црногорците, кои ги зачуваа до крај за прв европски триумф.

Немање Грбовиќ со пет гола и Милош Божовиќ со четири погодоци беа најефикасни во тимот на Црна Гора, додека Симиќ имаше девет интервенции.

Кај Србија Лазар Кукиќ со шест и Богдан Радивојевиќ со пет гола беа најдобри реализатори, а Иванишевиќ заврши со 11 одбрани.