Тимур Дибиров во последните секунди од мечот имаше зицер при резултат 26:25 за Унгарија, и место да израмни тој ја погоди стативата. Па така Русите на „вардаров погон“ загубија на првиот меч на ова ЕП. Да потсетиме дека во составот на Кокшаров има дури петмина вардарци. Освен на почетокот на мечот, кога Русите беа подобри, во текот на речиси целиот натпревар Унгарија водеше и ги контролираше настаните на теренот. Калараш беше солиден со четири голови. Кај Унгарците најдобри беа Балог со седум голови и голманот Миклер, кој беше прогласен за човек на мечот.

Хрватска пак со 31:23 просто ја декласира Белорусија. Момците на селекторот Червар, освен во првата фаза од мечот, одиграа навистина квалитетно и ја заблежаа втората победа во вториот меч на ова ЕП.  Екс вардарецот Игор Карачиќ со шест голови беше одличен кај коцкестите.

Кристопанс  и Летонија загубија од Холандија со 32:24. За некои неочекувано, но сепак Холанѓаните беа и повеќе од убедливи. Вардаровиот џин Кристопанс стрелаше седум пати во мрежата на Холандија, на која ова е деби победа на едно ЕП.