Шпанија обезбеди место во следната фаза. По триумфот над Летонија, бранителот на титулата без никакви проблеми ја совлада и Германија со 33-26 (14-11).

Алекс Душебаев со седум погодоци беше лидер во редовите на Шпанија, која делува моќно и веќе по второто коло најави дека тронот нема да го даде лесно.

Уште по првото полувреме беше јасно дека „Црвената фурија“ ќе дојде до нови два бода, отворија со серија од 9-3, а потоа на одморот замина со предност од 14-11. На другата страна Германците во ниту еден момент не успеаја да поведат, ниту пак сериозно да се заканат.

Во групата Ц, Шпанија е лидер со четири бода до крајот на групната фаза и останува уште пресметката со Холандија. Германија пак која е на второто место со исто толку бодови колку Холандија ќе мора да ја победи Летонија за место во следната рунда.

Исланд со победа го отвори Европското првенство, по голема драма ја совлада Данска со минимални 31-30 во одлично издание на Арон Палмерсон кој мечот го заврши со десет погодоци.

Ова беше дуел меѓу двајцата „бомбардери“, Микел Хансен и Палмерсон, двајцата беа на ниво на задачата, но Исланѓаните во самиот финиш се снајдоа многу подобро. Сигурдсон и Петерсон ги постигнаа победничките погодоци за својата селекција. Хансен имаше шанса да се избори за бод, но не успеа да го изненади Густавсон од девет метри.

Во првото полувреме, водството претежно го имаше Данска. По изедначените 15-15 на одморот, Исланд заигра подобро, имаше позитива од три гола (23-26 и 25-28). На другата страна Данците се вратија изедначија на 29-29, но немаа сили во самиот финиш.