Вардаровите ракометари денеска со отсуствата на репрезентативците, ги стартуваше подготовките за вториот дел од сезоната. Новиот тренер Стевче Алушовски ја имаше првата прозивка, а одреден период нема да смета на оние кои имаат репрезентативни обврски на ЕП 2020.

Првиот тренинг во 2020 беше и прв за тренерот Стевче Алушовски кој по 10 години повторно е дел од „црвено-црните”. Сега на клупата како прв стратег.

„Среќен сум што сум дел од Вардар, како европски шампион. Спомените се тука. Малку е изменет амбиентот кога јас играв и сега со овој спортски објект, и со она што го има освоено клубот. Среќен сум што ќе работам со оваа група на луѓе што се победници. Треба да се запознаеме, едно е гледање на натпревари, друго е на тренинг. Секој што ќе заслужи и ќе покаже на тренинг ќе добие шанса. Имаме 30 натпревари и ќе треба доста да ротираме и да се чуваме за најважните натпревари“, вели Алушовски.

Сташ Скубе и натаму тврди дека Вардар е квалитетен тим, и дека може во вториот дел од сезоната да има подобри резултати.

„Би рекол дека навистина имавме проблеми во ноември и декември, затоа и имавме малку полоши резултати. Се надевам дека сите од ЕП ќе се вратат здрави и конечно да одиграме некои натпревари комплетни. Јас и натаму тврдам дека Вардар е квалитетен и јак, и може да има добри резултати. Можеби немаме многу играчи за ротација и толку квалитеtни, но и лани беше слично па стигнавме до финалето. Секогаш сум оптимист и само да бидеме здрави“, вели Сташ Скубе.