Денот „Д“ за Македонија…

Се издувавме што се издувавме вчера. Слободниот ден на сите ни дојде како „кец на десетка“. Се обидовме да ги избистриме главите, убавата Виена на момент нè натера да заборавиме што нè чека денеска.

Овој град те прави полетен, а како нема кога е перфектен. Зад секој агол се крие по некоја магија. Градбите, замоците, големите шопинг-улици те мамат, забораваш дека си направил 20.000 чекори, дека е ладно и најважно дека твојата Македонија игра против Австрија.

„Близу сме до главната фаза, но и еднакво сме близу да се вратиме дома“, вака еден колега на кратко го објасни нашиот статус на еден Австриец, кој беше наш домаќин во еден паб, секако во организација на ЕХФ.

Малку доцневме на закажаната средба, очекувавме дека ќе ги видиме и колегите од другите земји, домаќинот, Чешка и Украина. Но, не бевме изненадени, не се сите широко отворени за дружба, во прес-центарот ретко кога можеш да ги видиш насмеани, а уште помалку љубезни на трибините резервирани за новинарите. Не знаат да кажат ниту извини, но ова е најмалку важно.

Додека се сместуваме, „домаќинот“ ни соопшти ќе ги дегустираме нивни домашни пива и притоа ќе ни го објаснува составот на истите.

Од самиот почеток некако ми беше чуден, но веднаш не поврзав, како одминуваше времето пред очи ми дојде денешниот меч на Македонија, токму против неговата селекција, а прашањата кои ги поставуваше ме убедуваа како да сакаше да извлече информација повеќе.

„Што значи за Македонија поразот? Ќе биде ли катастрофа, како ќе го прифати вашиот народ тоа? – праша господинот.

Во себе си реков: „Ние изгубивме од Чешка, па за малку што не ги “распарчија“ ракометарите, не сакам ни да помислам што ќе се случи ако не победиме против Австрија. Катастрофа е мал збор“ – но, вакви црни мисли на никого не му требаат.

По еден час дружба, муабети, дојде чинот на дегустација. На 10 минути доаѓаа келнерите со различни видови на пиво.

„Абе овие да не сакаат да ни дадат сиктер пиво. Уште вечерва да ни најават дека утре е нашиот е последен ден во Виена?

Нека си мислат така, не знаат дека сме најсилни кога сме најранливи. Никој не сака ова Европско првенство да го завршиме со една победа и да се спакуваме дома“.

Добро не треба летаме во облаци, зошто ни гори под нозе. Ние тука на работите гледаме поинаку, за разлика од оние во Скопје (секако не сите), во Виена уште сме со позитивни мисли. Не знам дали е до чистиот ВОЗДУХ или нешто друго. Никој не меша политика, колку-толку сме сплотени, спортот е единствената наша преукупација.

Додека Брестовац и неговите избраници ги правеа последните подготовки пред Австрија, ние отидовме чекор понапред.

„Дај боже да обезбедиме место во следната рунда, па да видиме што ќе кажат стручњаците кои два дена „плукаат“ по социјалните мрежи“.

Нека помине денов како што треба оти никој не размислува дека треба да се спакува, ниту фановите.

„Ма како пакување, Македонија оди во главната рунда“, прокоментираа едни момци кои ги сретнавме кога се одевме накај дома.

Искрено, не ме фаќа паника, смиреноста ми доаѓа од ракометарите. Не забележав дека се демотивирани, ниту пак дека самодовербата е изгубена.