Ко-организаторот Австрија ни го нанесе најболниот удар на ЕХФ ЕУРО и ни ги спакува куферите, а по натпреварот ниту селекторот Алеш Пајович и МВП играчот на мечот, Томас Ејхберг како да беа самите од себе изненадени за убедливото издание против Македонија.

„Неверојатно, игравме три меча и имаме три победи и пренесуваме два бода. Неверојатен натпревар за нас. Одигравме одлични 5-1 против Кирил Лазаров, Ејхберг беше одличен на голот, одбраната ја заврши работата. Не беше лесно да се запрат македонските пикери, тешко е да се објасни она што го направивме на теренот. Му честитам на тимот и сега може да сонуваме малку“ – задоволно изјави селекторот Пејовиќ.

Слично размислува и чуварот на мрежата.

„Неверојатно, тимот беше неверојатен. Се боревме еден за друг! Соиграчите многу ми помогнаа денеска, пресреќен сум… Се надевам дека ќе може да почекам уште малку пред да се разбудам од овој сон“, констатираше во неверување Ејхберг.