Репрезентативец на Австрија кој е одлично познат за македонската ракометна публика со оглед на тоа дека мина една полусезона во дресот на Металург е Јанко Божовиќ. Вториот најдобар стрелец на Австрија (по Микола Билик) вели дека победата на Чешка над Македонија е она што им дава надеж дека може да се радуваат денеска против нас и да пренесат два бода во главната фаза.

„Ништо не е готово, иако имаме две победи и сме први во групата. Не чека натпревар со Македонија, а последните меѓусебни натпревари немаа позитивен исход за нас. Ќе биде многу тешко. Се работи за репрезентација, која го има еден од најдобрите десни бекови на светот Кирил Лазаров. Но, не е само Лазаров, имаат и други квалитетни играчи, играат агресивно во одбрана… Реков ќе биде многу, многу тешко.

Нашата сила е тимскиот дух, играме сите за еден, гинеме, а имаме и одлична поддршка од навивачите. Секако дека сакаме денеска да победиме и да пренесеме два бода во групната фаза. Победата на Чешка над Македонија ни дава надеж, но ќе кажам уште еднаш, ќе биде многу тешко, не чека голема борба“, вели Јанко Божовиќ.

Македонија и Австрија ќе се соочат во „Штадхале“, попладнево (18:15 часот) во последното коло од групната фаза на ЕП.