Македонскиот голман Дејан Илиев иако неодамна го продолжи договорот со Арсенал, сепак, нема да се задржи во Лондон оваа сезона туку отиде на нова позајмица, но сега во полски клуб. Претходно играше за Серед, а сега го облече дресот на Јагиелонија. Тој потпиша шест месечен договор.

„Да бидам искрен многу малку знам за полската лига. Зборував со Кристијан Белик (исто така играч на Арсенал но сезонава е позајмен на Дерби Каунти), кој ми е добар пријател. Него му верувам. Тој ми даде појасна слика за полскиот шампионат, за Јагиелонија и за другите клубови. Исто така зборував и со Горан Попов кој одлично го познава тренерот Ивајло Петев. Ги послушав и одлучив да дојдам во Јагиелонија. Исто така барав и на интернет информации за клубот и разбрав дека има голем број на навивачи кои го сакаат фудбалот. Знам и дека слави 100 години постоење. Задоволен сум од условите во клубот и едвај чекам да почнам да играм“, изјави Илиев.

Илиев е првиот Македонец кој ќе игра за Јагиелонија и го доби дресот со број 1. Инаку тренер на овој клуб од Бјалисток е бугарскиот стратег Ивајло Петев.