Македонските репрезентативци со една мисла – победа и пласман во главната фаза влегуваат во денешниот меч (18:15 часот) против домаќинот Австрија во последното коло од групната фаза во Виена.

Нема ништо нејасно, уште пред почетокот на ЕП се знаеше дека на Македонија и требаат две победи за да се најде во продолжението, па од таму точно знаат нашите ракометари што треба да направат за да го продолжат престојот на ЕХФ ЕУРО.

„Во една ситуација сме кога сите репрезентации имаат шанса за пласман во следната фаза. Нема притисок, затоа што уште кога дојдовме во Виена знаевме дека ни требаат две победи за пласман понатаму. Ситуацијата не ни е нималку лоша, со победа над Австрија од два гола одиме понатаму, а носиме и два бода во следна фаза, што сакаме повеќе од тоа“, потенцира репрезентативното крило Мартин Поповски.

Што се однесува до Австрија, Поповски вели:

„Најважно за нас е да ја заборавиме Чешка. Австријците ги познаваме добро, ги анализиравме. Потребно е да отвориме добро, клучно ќе биде да ги затвориме нивните бекови Божовиќ и Билик, да ја кренеме нашата реализација, да ја држиме одбраната силна и да не си дозволиме осцилации како на претходните два натпревари. За нивните слабости оставам селекторот да ги бара, но мислам дека се потенки на пикерската позиција и немаат топ-класа ракометари, како ние што го имаме Лазаров, но се спој на солидни играчи кои играат и се борат. Улогата на фаворит и ја препуштаме на Австрија, тие се домаќини, имаат подобра позиција од нас во групата, но ако треба да споредам меѓу нив и Чешка, мислам дека многу повеќе ни одговара да играме против Австрија. Прво поради тоа што нема да бидеме фаворити во мечот, а второ затоа што повеќе ни одговара нивната конституција на играчи.“