Нашиот коментатор со одбрани зборови за читателите на СПОРТМЕДИА направи стручна анализа за тоа што ни се случи со Австрија. Меч кој го загубивме со 32:28.

„Со еден збор немоќни во секој поглед. Навистина жалам, но што е тука е. Ако на минатите мечеви, посебно во првиот дел со Чешка нашата 5-1 одбрана беше фантастична, вечерва во Виена беше лоша, многу лоша. Не само што бевме несинхронизирани, дезориентирани, бевме и надвор од ритам во секој поглед, Немаше дуели еден на еден, немаше дрскост, немаше остри фаули да им покажеме на домашните дека ние ја сакаме оваа победа. Како да влеговме во мечот без мотив. Премногу лесно им дававме шанса да не пробијат,и тоа на сите позиции, е тука голманите не се виновни. И кога се игра така во одбрана, тогаш не можеш да очекуваш ништо подобро и во нападот. Австрија паметно и мудро го „затвори“ Кире, им остави  простор на останатите, а тие грешеа, премногу лоши додавања, премногу загубени топки, не знаевме од зицер ситуации да поентираме. Разликата во корист на домашните растеше а ние немоќно ширевме раце. И кога ќе губиш така лесно топки во нападот тогаш лесно и примаш голови од контри и полуконтри“.

НА ПОЛУВРЕМЕ И ДЕФИНИТИВНО СЕ ПРЕДАДОВМЕ

„Вториот дел беше копија на првото. Па ние уште на полувреме дефинитивно се предадовме, на моменти тој дел личеше на пријателски натпревар. Ние не покажавме желба да направиме пресврт. Не можеш да ја победиш и една Австрија со 16 загубени топки, со 10 примени голови од контри и полуконтри. Можам само да замислам што ќе беше ако игравме против посилна селекција, тогаш веројатно ќе беше катастрофа. За ова не е виновен само селекторот, според мене за овој пораз со Австрија повеќе виновни се играчите. Јас барем не видов во нивните очи желба за победа, не ја видов таа спортска дрскост, не го видов тој инает. Тие треба да знаат дека таму имаше неколку илјади навивачи кои ги бодреа и кои минале 1.500 км за да бидат со нив. Дома цела јавност им даде поддршка, а тие вратија како што вратија. Видете, не сакам да бидам погрешно сфатен. Се случува и да немаш резултат на некое ЕП, ете што им се случи на една Франција, Русија, Данска виси. Затоа ова не е трагедија, и натаму ќе се игра ракомет, и натаму Македонија ќе игра на големи натпреварувања, барем се надевам. Јас им замерувам што поскапо не ја „продадоа“ својата кожа што се вели во спортски жаргон“ заврши Магдинчев со својата анализа.